Американскиот претседател Барак Обама ги изненади новинарите во Белата куќа и на неговиот роденден, проследено со роденденска песна, донесе чинија со торта за долгогодишната новинарка Хелен Томас, која во вторникот исто така го прослави својот роденден, но 89-ти.
Томас е известувач за настаните во Белата куќа со децении, почнувајќи со претседателствувањето на Џон Кенеди во 1961-та година.
Претседателот Обама, кој наполни 48 години, ги изненади присутните носејќи ја тортата, по што накусо седна до Томас и се пошегува со новинарите бакнувајќи ја во образ.
Обама дел од роденденот го мина со демократските сенатори на разговори за здравствената грижа и економските прашања. Тројца демократи, лидерот на сенатското мнозинство Хари Рид, заедно со Крис Дод и Макс Бакус, изјавија дека се убедени оти реформите во системот за здравство ќе бидат усвоени оваа година.
Ја редизајниравме страницата со цел полесно да ги наоѓате содржините на Гласот на Америка. Кажете ни што мислите за промената на: macedonian@voanews.com